Национално оценување

За националното оценување

Националното оценување на постигањата на учениците во основното образование е екстерно мерење, кое обезбедува валидни податоци за знаењата и способностите на учениците на крајот од одделенската и предметната настава, како и за факторите кои влијаат на постигањата. Во Република Македонија досега национално оценување е спроведено само проектно.

Првото национално оценување на крајот од одделенската настава во нашата држава се реализираше во 2001 година, како дел од проектот Оценување и испити во Македонија. Со ова тестирање беа опфатени наставните предмети: македонски јазик, албански јазик и математика. За резултатите од ова тестирање во 2002 година е издаден и извештај.

Исто така поставени се и публикувани стандарди на постигањата за учениците од одделенска настава по: македонски јазик, албански јазик и математика. Стандардите на постигањата на учениците на крајот одделенска/предметна настава се определени преку описот на квалитетот и квантитетот на знаењата и преку очекувањата за бројот на учениците што треба да ги постигнат.

Во националното оценување определени се три нивоа на постигања:

  • минимум стандард (90%)
  • доволен стандард (75%)
  • висок стандард (10%).

Во мај 2006 година за прв пат се мереа знаењата и способностите по предметите природа и општество во IV одделение. Извештај за постигнатите резултати на учениците е издаден во 2007 година.

Националното оценување на постигањата на учениците во VIII одделение за прв пат се спроведе во мај 2006 година по предметите: македонски јазик, албански јазик и математика. Извештај за постигнатите резултати на учениците е издаден во 2007 година.